Банана сплит


flickr photo shared by allispossible.org.uk under a Creative Commons ( BY-NC ) license

Вовед

Според догмата на потрошувачката машинерија која се фокусира на раст „Муштеријата е секогаш во право!“. Според неа, потрошувачите секогаш знаат што е најдобро и можат сами да решаваат. Но потрошувачите се изложени на мал милион избори во супермаркетите - што би се случило ако потрошувачот, со заврзани очи, бира производ само според критериумот на што највеќе вреди за парите?


Со леснотија купуваме увезена храна која е значително поевтина од домашната храна. Сепак најчесто воопшто немаме поим кои луѓе ни ја произведуваат таа храна. За повеќето потрошувачи тие се само „луѓе - духови" за кои не знаеме ништо - дали биле третирани праведно додека ја произведувале храната или ги обезбедувале суровините, дали биле изложени на хемикалии, и дали им исплатиле пристојна плата (ако воопшто им исплатиле нешто)? Поврзани сме со луѓе од целиот свет преку прехранбените продукти кои ги купуваме. Многу производи во нашите супермаркети се направени од суровини увезени од глобалниот југ, и голем дел од работниците кои ги произведуваат овие суровини не се платени доволно за да живеат достоинствен живот. Но замислете да имаше начин веродостојно да се загарантира дека прехранбените продукти кои ги купуваме доаѓаат од рацете на здрави, среќни луѓе кои заработуваат за пристоен живот? Концептот на фер-трговија се стреми да го постигне токму тоа  - поголема еднаквост на меѓународно ниво.


Оваа активност ни дава увид во производството на бананите и во распределбата на профитот помеѓу различните групи кои се вклучени во синџирот на нивно производство.

Вид на активност

Групна / практична

Времетраење

30 до 45 минути

Цели на учењето

  • Да научиме како функционира прехранбениот синџир и како се распределува профитот од него

  • Да размислиме како ние, како потрошувачи, можеме да ја подобриме состојбата

Упатства

Потребни материјали и алатки:

  • 6 банани, по една за секоја група во прехранбениот синџир (вкупно 5) и една за вас како организатор

  • 5 ножеви, по еден за секоја група

  • Лист хартија со опис на улогите (ако сметате дека е потребно)

Упатства (чекор по чекор):

  1. Кажете и на групата дека ќе играте игра со која ќе го трасирате патот на бананата - од производството и извозот од Јужна Америка до полицата на супермаркетот.

  2. Поделете ја групата во 5 различни помали групи кои претставуваат алки во прехранбениот синџир (работник, сопственик на плантажа, извозник/доставувач, увозник/продавач на големо и маркет/продавач на мало). Дајте упатства за одговорностите на секоја група во синџирот и вклучените трошоци. Ако сакате, можете на лист хартија да напишете детали за секоја улога -  описите на улогите се наоѓаат подолу во материјалите за поддршка (само на англиски јазик). Секоја група добива по 5 минути да размислува за својата улога. Побарајте од групите да размислат за нивните трошоци. На пример: За работникот - колку часа работа вложува дневно? За сопственикот на плантажата - колку пари троши на пестициди и вештачки ѓубрива? За извозникот - колку чини еден товарен брод кој се користи за превоз на бананата? За увозникот - колку пари троши за превозот или лиценцата за увоз? За малопродажникот - кои други трошоци ги има покрај трошоците за вработените?

  3. Кажете им на учесниците да замислат дека една банана чини 30 денари. Побарајте од секоја група да обмисли колкав дел од тие пари би добила за секоја продадена банана. Дајте им 5 минути да дискутираат и да спремаат аргументи, земајќи ги предвид целата работа и ресурси кои нивната улога ги подразбира.

  4. Секоја група добива вистинска банана, од која треба да пресечат парче кое го претставува нивниот дел што сметаат дека правично им припаѓа. Направете нова „банана“ од деловите (веројатно ќе биде 2-3 пати подолга од вистинската, која ви е во раце)

  5. Секоја група ги претставува аргументите за својот дел, и обично сите заедно надминуваат 30 денари. Кажете им да започнат преговори и да се обидат да стигнат до 30 денари. Преговорите може да траат најмногу 15 минути, во зависност од аргументите на луѓето.

  6. На крај, откријте им кој што добива во 30-денарскиот синџир на бананата - пресечете ја вашата банана за подобро да ја илустрирате вистинската поделба (работник - 1 денар; сопственик на плантажа - 6 денари; извозник - 4,5 денари; увозник/големопродажник: 8,5 денари и маркет/малопродажник: 10 денари)

Материјали за поддршка

Ресурсот кој послужи како инспирација за активноста

Ресурси

Прашања за размислување

  • Зошто одредени групи профитираат многу повеќе од другите, дали е тоа праведно?

  • Кој ја има моќта да ги подобри нештата?

  • Дискутирајте го концептот за правична распределба - што можеме да направиме за да им обезбедиме на работниците во другите делови на светот да уживаат во своите универзални права?

Упатства за поднесување

Поднесете краток извештај во Мудл за реакцијата на младите кон оваа игра - беа ли изненадени што добиваат толку малку? Дали се отворени за прифаќање на практики на фер-трговија во нивниот живот? Упатствата за поставување се наоѓаат овде.

Упатства за оценување

Обезбедете фидбек за најмалку еден учесник во активноста. Упатствата за фидбек се наоѓаат овде.

Автор

Creative Commons - ySI4R тим за содржина (адаптирано од играта на Христијанска Помош)

(Сè уште нема теми на дискусија во овој форум)