Игра со пари


flickr photo shared by funkandjazz under a Creative Commons ( BY-NC-ND ) license

Вовед

Богатите стануваат побогати a сиромашните посиромашни - сите сме ја чуле оваа изрека. Но кои се причините за овој растечки јаз меѓу богатите и сиромашните? Како денешниот банкарски систем го овозможува ова?


Замислете дека сакате да купите куќа, но немате пари. Што ќе правите? Одите во банка да земете заем. Банките се одличен изум, нели? Ајде накратко да размислиме за тоа. Наместо само да ја вратите сумата што сте ја позајмиле, плаќате и камата на тој износ - која оди и за банката и за позајмувачот. Позајмувачот е човек кој остава пари во банка од безбедносни причини, и меѓу другото, за да заработи позајмувајќи на сиромашни луѓе како вас. Да, токму тоа е „чудото“ на каматата! На овој начин мал број луѓе натрупуваат богатство во својот џеб.


Дали постои алтернатива? Не случајно низ текот на историјата лихварството (позајмувањата со камата) било забрането во различни култури, вклучувајќи ја Римската империја, стара Кина, стара Грција итн., и обично било поврзано со осудата за наплаќањето на камата за позајмени пари во христијанството, исламот, будизмот итн. Во исламското банкарство секоја камата се смета за експлоататорска и лихварското профитирање е забрането. Постојат и така наречени „бескаматни банки“ во Шведска кои работат на сличен принцип на етичко банкарство, како што се ЈАК банките.


Парите се поврзани со моќта и контролата, како и со зависноста или чувството дека сме згрижени. Во оваа активност ќе ја истражиме нашата поврзаност со парите. Исто така ќе разгледаме како ни влијае системот во кој најголем дел од парите во оптек се создаваат од ништо во комерцијалните банки кога издаваат кредити (кои треба да се вратат со камата).

Вид на активност

Практична/ групна

Времетраење

Поедноставена верзија: 30 минути, сложена верзија: 2 часа

Цели на учењето

  • Подобро да ги разбереме чувствата и верувањата што ги имаме за парите во нашите животи и општеството

  • Да се здобиеме со поголемо знаење за тоа како функционираат денешниот банкарски систем и каматите

Упатства

Потребни материјали и алатки:

  • Вистински пари, по можност мали монети и книжни пари во количина по желба. Играта се игра со разни количини, од 1 до 200 долари

  • Тетратка и пенкало или молив

  • Некој што ќе внимава на времето

  • Ѕвонче

Упатства (чекор по чекор):

  1. Секој си носи одредена сума на пари, по можност мали монети и банкноти. Не треба да биде премногу голема сума за да не „банкротирате“, но сепак треба да биде износ што ќе предизвика непријатност ако го изгубите. Ако некои луѓе не сакаат да учествуваат - во ред е се додека не им пречат на другите во играта.

  2. Поделете ги учесниците во групи од по 4, 5 или 6 луѓе и речете им да седнат на подот или на маси, за да можат да ги стават своите пари пред себе и да можат лесно да посегнат по парите на другите.

  3. Дајте им време да спремат парче хартија и пенкало за подоцна да ги запишат своите замисли.

  4. Објаснете дека ќе има неколку рунди од по 1 минута. По секоја рунда ќе побарате од нив да престанат со активноста - може да го означите крајот на секоја рунда со ѕвонче или нешто слично. Целата активност треба да се одвива во тишина.

  5. Прва рунда: објаснете им на учесниците дека треба да ги земат парите пред нив (своите пари) и да ја дадат целата сума на другите учесници од нивната мала група (не е важно кому). Треба да се знае чии пари каде се. По една минута, заѕвонете со ѕвоното и кажете им да застанат со активноста. Потоа побарајте од учесниците накратко да ги запишат своите лични размисли. Какво е чувството да си ги раздаваат сопствените пари?

  6. Втора рунда: објаснете им на учесниците дека сега треба да земат пари од другите и да ги стават во својот куп. Треба да пробаат да земат што е можно повеќе и само од луѓето во својата група. Повторно заѕвонете по една минута и кажете им да запишат како се чувствуваат по завршетокот на втората рунда.

  7. Трета рунда: објаснете им на учесниците дека сега можат да земаат пари од било кој и да даваат било кому. Пак заѕвонете по една минута и кажете им да запишат како се чувствуваат.

  8. Четврта рунда: прво побарајте од секој учесник да тргне настрана 20% од парите пред себе. Тие 20% од сите во малата група сместете ги на посебно место кое ќе се вика „Банка" - тие пари нема да се користат во оваа рунда. Објаснете им дека сега повторно треба да земат пари од другите и ги стават во својот куп. По една минута запрете го процесот и замолете ги да проверат кој има најмногу пари меѓу нив. Тоа лице ќе ги добие и тие 20% од сите други што беа ставени во „банката". Објаснете ја акумулацијата на пари од каматите од 20% со тоа што ќе се повикате на денешниот банкарски систем - богатите стануваат побогати а сиромашните посиромашни. Исто така не заборавајте да го споменете концептот на бескаматно банкарство преку примерите споменати во воведот на активноста погоре. Кажете им на учесниците да ги запишат своите размисли, вклучувајки ги и мислите за бескаматниот банкарски систем.

  9. Можете да кажете дека во вистинскиот свет никому не му е гајле како тие се чувствуваат во врска со парите, и дека ни вие не сакате да знаете како се чувствувале за време на играта. Секоја личност ќе ги зачува заработените пари за време на играта. Секако и други опции се можни ако ова им е непријатно на учесниците - нека се договорат самите. Неколку примери што можат да прават: секој(а) може да си ги врати парите што ги донел(а); ако некој(а) заработил(а) вишок пари не ги враќа туку купува колачи и ги споделува со групата; сите собрани пари во групата подеднакво се распределуваат меѓу учесниците - или пак се делат на солидарен начин: учесниците кои се посиромашни и позагрозени добиваат повеќе пари итн.

  10. Поканете ги учесниците да споделат како се чувствувале во својата група и што забележале за време на процесот. Искористете ги прашањата за размислување кои се наоѓаат подолу.


Ако сакате да ја играте посложената верзија на играта, погледнете ги упатствата во материјалите за поддршка (подолу)!

Материјали за поддршка

Упатства за сложената верзија на играта

Ресурси

Прашања за размислување

  • Кои се главните поуки од оваа активност?

  • Како 20-те проценти кои ги дадовме на „најбогатата“ личност во последната рунда се поврзани со денешниот банкарски каматен систем?

  • Како ги поделија учесниците парите на крај - дали секој си ги зеде назад „инвестираните“ пари или пак употребија некој друг посолидарен модел?

  • За што пишуваа учесниците на листовите, што напишаа во врска со распределбата на парите?

Упатства за поднесување

Поднесете пишани одговори на прашањата за размислување за да можат и другите учесници да ви дадат фидбек. Упатствата за поднесување слики и документи во Мудл се наоѓаат овде.

Упатства за оценување

Обезбедете фидбек за најмалку еден учесник во активноста. Упатствата за фидбек се наоѓаат овде.
(Сè уште нема теми на дискусија во овој форум)