Американскиот бизон


flickr photo shared by Shohei Hanazaki under a Creative Commons ( BY-NC-ND ) license

„Ако си поет, ќе видиш јасно дека еден облак лебди во овој лист хартија. Без облакот нема да има дожд; без дожд дрвја не растат; а без дрвја не можеме да направиме хартија. Облакот е клучен во постоењето на хартијата. Ако облакот го нема, не може да ја има ни хартијата.“

-Тич Нат Хан

Вовед

Со помош на вашата фантазија отпатувајте назад во времето и просторот, до Големите Рамници (кои денес се наоѓаат централно во Соединетите Американски Држави), во времето кога домородните племиња оваа земја ја нарекувале свој дом. Насочете ја вашата фантазија особено кон бизонот - веројатно најважното нешто за нив, без оглед на кое племе му припаѓале. Домородните Американци не го убивале бизонот само за да добијат храна - тој чин бил неотуѓив дел од речиси секој сегмент на нивниот живот. Нивната врска со ова животно може да се искористи како речиси совршен пример и олицетворение на одржливоста. Нивната способност да се создадат повеќе работи (производи) од еден бизон (извор) е целосно обратен од денешната цивилизација (која користи повеќе извори за да создаде еден производ).

Вид на активност

Групна/ практична

Времетраење

1-2 часа

Цели на учењето

  • Да разбереме колку сме заемно поврзани со природниот свет

  • Да сфатиме како навидум едноставните предмети се поврзани во сложена мрежа со другите нешта

Упатства

Потребни материјали и алатки:

  • Една современа процесирана храна (како пример ќе искористиме едно пакетче чипс)

  • Флипчарт (табла за пишување) и пенкало/ маркер

  • Бела хартија

  • Алатки за цртање

Упатства (чекор по чекор):

  1. Раскажете и ја на групата следната (или слична) приказна: „Ние сме племе домородни Американци кое се изгубило на Големите Рамници, нашите резерви истекуваат и со денови не сме јаделе како што треба - навистина сме гладни! Знаеме дека за да преживееме доволно долго за да имаме било какви шанси да го најдеме патот кон дома, мора да најдеме и да убиеме бизон што е можно поскоро. И, кога целата надеж е речиси изгубена, одеднаш во далечината се слуша тропот и се појавуваат облаци од прашина! Наближува стадо бизони! Сите сме многу добри ловци, па набрзо потоа седиме околу логорскиот оган, убаво нагостени по вкусен оброк од бизонско месо. Сепак поголем дел од бизонот се уште треба да се искористи. Благодарни сме за дарот од природата и знаеме дека мора мудро да искористиме што е можно повеќе од него. Ништо нема да остане неискористено.“

  2. Побарајте предлози од групата - што да се прави со остатоците од бизонот, што друго може да ни даде освен храна. Запишувајте ги индивидуалните предлози на таблата за пишување. [За ова дајте и на групата 5-10 минути]

    1. Ако групата има потешкотии, погледнете ја приложената слика овде и помогнете им на учесниците со една или две можности од неа.

  3. Разделете ја групата во помали групи од по 3-4 учесници. Секоја група треба да има:

    1. Алатки за цртање и хартија.

    2. Пакетче чипс или друга процесирана храна.

  4. Дајте им упатство на сите да го нацртаат пакетчето чипс во центарот на хартијата, а потоа неколку минути да го проучат и да размислат за него. Треба да мислат за неговото потекло, како е произведено, неговата моментална форма и употреба, неговата судбина и животен циклус.

Сега сме спремни да ја создадеме приказната за овој предмет. Главното прашање во овој момент е: Што било потребно овој предмет да стигне до местото на кое се наоѓа пред нас моментално? Не изоставувајте ниеден дел од тој процес!

  1. Групите треба да ги нацртаат аспектите од приказната на нивните предмети и потоа да ги поврзат со црта со предметот во средината.  [Дајте 20 минути за целата вежба]

    1. За почеток може да го разбиете производот на состојки (пример: пакетчето, солта, другите состојки, компирчињата, конзервансите) па потоа да го одредите изворот на секоја посебна состојка.

    2. Од таму можете уште повеќе да го разграните процесот. На пример: чипсот доаѓа од компир. Компирот е поврзан (со цртка на цртежот) со земјоделец, трактор, сонце, вода, почва итн. Самиот трактор троши гориво, вода, масло и метал за да се произведе итн.

    3. Охрабрете ја групата да биде што е можно попрецизна и подетална, земајќи ги предвид превозот на поедините состојки до централни локации, процесот на готвење, пакување, пестицидите, ѓубривото итн. Сите нешта доаѓаат од некаде.

  2. Вратете ги учесниците во големата (заедничка) група и поканете ги на дискусија, давајќи и време на секоја од малите групи да ги разгледа цртежите на другите и да ги спореди со сопствениот. Дали некој откри нешто што на другите не им текнало? Дали сите цртежи изгледаат исто? Како овој цртеж се разликува од односот на домородните Американци кон нивната храна генерално, и особено кон бизонот?

Ресурси

Прашања за размислување

  • Можете ли да дадете примери од современи ситуации каде повеќе производи се произведуваат од еден извор?

  • Ако го користиме принципот на бизонот во поголем дел од производството, како тоа би го променило нашиот свет?

Упатства за поднесување

Поставете една фотографија од цртежот на било која група, како и неколку клучни пораки од групната дискусија во Мудл (за да можат и другите учесници да ви дадат фидбек). Упатствата за поставување слики и пораки во Мудл се наоѓаат овде.

Упатства за оценување

Обезбедете фидбек за најмалку еден учесник во активноста. Упатствата за фидбек се наоѓаат овде.

Автор

Creative Commons - ySI4R тим за содржина (адаптација на „Трансформирање на обичното“ од Крис Ул)
(Сè уште нема теми на дискусија во овој форум)