Советот


“Кога домородците зборуваат, тие не зборуваат од главата, не се осврнуваат на теории, не спомнуваат што прочитале во книга или што некој им кажал. Тие зборуваат од срце, од традициите на нивниот народ и од знаењето на нивната земја. Тие зборуваат за она што го виделе, чуле и допреле, и она што им го пренеле традициите на нивниот народ. Нивната внатрешна тишина им дозволува да го слушнат поттикот на нивните срца и суптилните одзвуци што лежат во секој збор од јазикот - одзвуци кои одекнуваат низ светот кога ќе ги изговориме.”

– Дејвид Ф. Пит

Вовед

Илјадници години наназад луѓето седеле во круг за да ја искажат својата вистина, подобро да се разберат еден со друг, и да го разберат светот. Многу култури од целиот свет користеле некаков заеднички простор за споделување, овозможувајќи им да се зближат, да се сослушаат, да работат на предизвиците и да решаваат конфликти. „Советот“ е техника која се развила врз основните принципи на оваа древна пракса на споделување во група. Советот е моќен метод за поврзување на групата, за запознавање и за ислушување. Советот секогаш се одржува во круг.


Постојат четири основни критериуми што го прават просторот на кругот на Советот побезбеден и ја поттикнуваат довербата во групата (плус еден дополнителен критериум):

  1. Слушање од срце што буквално значи слушање без да се суди за она што е кажано, без да се гледа во иднината или да се користи умот за анализа и оценување. Тоа значи да бидеме целосно присутни со другите, да ја сослушаме нивната вистина, и да се обидеме да ја разбереме и да ја видиме личноста преку нејзините зборови (или тишина). Треба да го користиме и срцето за сослушување, а не само ушите.

  2. Зборување од срце односно кажување на она што е вистина за нас во тој миг. Тоа значи вистински да видиме што живее во нашето срце, да сме присутни и потоа да и го понудиме тоа на групата како лична вистина. Тоа може да е збор, приказна, песна, стихотворба или што и да ни падне на ум. Да зборуваме од срце значи да не планираме однапред што сакаме да кажеме, и да имаме на ум дека тишината може да биде подеднакво моќна изјава како и зборовите.

  3. Скромност во изразувањето значи да сме концизни, јасни и да држиме до поентата. Намерата е да дојдеме до суштината на она што сакаме да го изразиме и споделиме. Тоа не значи да „забрзаме“, туку да кажеме што имаме на ум и да не се повторуваме. Овој аспект на Советот има за цел секој учесник во кругот да има можност да сподели, и да се искажат најважните работи, јасно и директно. Тој исто така помага да се задржи вниманието на слушателот.

  4. Спонтаност односно да не планираме што ќе кажеме. Тоа ни создава слодоба да не западнеме во старите шеми на размислување и зборување, и дозволува интуитивно да го менуваме она што го споделуваме. Нема потреба да следиме „нормални“ шеми на разговор, туку можеме да го следиме моменталниот порив.

  5. Доверливост. Иако ова не е еден од четирите критериуми на советот, доверливоста се однесува на светот надвор од кругот. Ова создава подлабоко чувство на доверба и почит за она што се зборува во кругот.


Оваа активност ни ја дава можноста да го искусиме советот, да слушаме и зборуваме од срце или пак тивко да учествуваме.

Вид на активност

Практична/ групна

Времетраење

Обично 1-2 часа

Цели на учењето

  • Од прва рака да ја разбереме и искусиме моќта на слушањето и зборувањето од срце, во заеднички безбеден простор

Упатства

Потребни материјали и алатки:

  • „Микрофон“: стапче, камен, или било каков природен предмет кој лесно се држи. Може да биде и предмет кој има емотивна вредност. За време на советот, само тој што го држи „микрофонот“ може да зборува. „Микрофонот“ е знак на почит за поединечната вистина на секој учесник, кој ја споделува истата во групата.

  • Пријатни положби за седење: перничиња, душеци или столови кои се поставени во круг.

  • По желба и централен дел: цвеќиња, свеќа или било што за разубавување на просторот кое ќе предизвика чувство на спокојност, свеченост и концентрација.

Упатства (чекор по чекор):

  1. Наместете го просторот. Треба да е пријатен, тивок и удобен.

  2. Соберете ја групата: луѓето треба да седат во круг и секој да може лесно да ги види сите други.

  3. Отворете го просторот:

    1. Оној кој го одржува советот да објасни за критериумите, микрофонот, и да утврди дека сите разбираат - ако треба да одговори на нивните прашања.

    2. Советот е многу широк и вклучителен: темата на споделување може да вклучува специфично прашање за кое треба да се зборува, или пак поопшто - луѓето да зборуваат за било што што чувствуваат или мислат во даден момент. На пример, можете да им кажете на учесниците да зборуваат за нивните добри и лоши моменти од изминатата недела или ден, нешто друго важно на кое мислат или го чувствуваат, или само да споделат сè што би сакале во тој миг. Ако има специфична тема на советот, опишете ја јасно.

    3. Одлучете колку време има секоја личност за зборување, и договорете се како ќе им укажувате на луѓето кога им истекува времето. Може да користите ѕвонче на пример.

    4. Ставете го „микрофонот“ на сред кругот и прашајте ја групата кој би сакал да започне прв. Можете да им го спомнете ова на учесниците: добар начин за распознавање дали сте спремни да земете збор е кога вашето срце забрзано или засилено чука.

  4. Првата личност која сака да зборува го зема „микрофонот“ од средината и се враќа на место. Тогаш личноста ги споделува своите мисли, имајќи ги на ум критериумите (погледни погоре). Кога ќе заврши, бира насока во која ќе го препрати „микрофонот“, и во таа насока учесниците си го подаваат „микрофонот“ додека кругот не се затвори.

  5. Следната личност ја советуваме да го задржи „микрофонот“ за миг и да види што е спремна да сподели. Ако ништо не и падне на ум, може и да остане во тишина и потоа да го подаде „микрофонот“ кога ќе е спремна - не мора да се зборува. На овој начин сите во кругот ќе го добијат „микрофонот“ и со тоа и можност да споделат. Кога кругот ќе се заврши, последната личност треба да го врати „микрофонот“ во средина.

  6. Ако има уште време, може да го отворите кругот за луѓето да споделат и по втор пат - или пак да им дадете шанса на оние кои првиот пат решиле да не зборуваат.

  7. Кога ќе се каже сè што треба или кога ќе истече времето затворете го кругот со тоа што ќе им се заблагодарите на учесниците и ќе кажете нешто за крај.

Ресурси

Прашања за размислување

  • Дали ова беше корисно искуство за повеќето учесници?

  • Дали некому му беше тешко или чудно?

  • Дали советот им овозможи на луѓето во групата да се чувствуваат поповрзани?

  • Што може да се промени кога нареден пат ќе се одржи советот?

  • Имаше ли конфликти или проблеми кои се разрешија со самото одржување на советот?

  • Дали е групата заинтересирана за одржување на совети и во иднина?

Упатства за поднесување

Поставете фотографија од групата додека некој го држи „микрофонот“ - ова не треба да се направи за време на самиот совет и треба да се побара дозвола од сите чие лице се гледа на сликата. Поднесете краток опис (најмалку 200 збора) за советот и како се чувствувала групата. Упатството за да поставите слики и документи во Мудл се наоѓа овдe.

Упатства за оценување

Обезбедете фидбек за најмалку еден учесник во активноста. Упатствата за фидбек се наоѓаат овде.
(Сè уште нема теми на дискусија во овој форум)