Советот на сите суштества


Вовед

Луѓето станаа доминантни животни на оваа планета, кои живеат во речиси секој екосистем и брзо ги уништуваат природните живеалишта за да направат простор за други луѓе и да се стекнат со потребните ресурси за модерен живот. Сепак, луѓето се само еден од илјадници и илјадници животински видови, и за повеќето други видови човековата активност е заканувачка или штетна. И покрај тоа ние ретко кога го признаваме ова, и ретко го слушаме гласот на суштествата со кои го делиме светот. Советот е начин на комуникација преку кој луѓето слушаат и зборуваат од срце.


Преку интуитивно поврзување со други форми на живот и споделување на нивната порака во круг, оваа активност им дава простор за изразување на бројните безгласни жители на природниот свет. Таа им овозможува на луѓето да добијат претстава за тоа што другите суштества (кои не се луѓе) би сакале да ни кажат, со што можеме да ги погледнеме нашите дела од нивна гледна точка.

Вид на активност

Групна / практична

Времетраење

1 до 3 часа

Цели на учењето

  • Да почувствуваме како е да се биде друго суштество (а не човек) кое живее на земјата заедно со луѓето

  • Да овозможиме креативност и уметничко изразување поврзани со еколошката криза на планетата

  • Да научиме повеќе за врската на луѓето со другите суштества на планетата

Упатства

Потребни материјали и алатки:

  • Мирно место во природа или во соба во која нема да ве вознемируваат. Одбегнувајте соби со флуоросцентно осветлување, или пак донесете мала лампа ако ја спроведувате оваа активност во училница. Во оваа активност атмосферата е многу важна.

  • Материјали за уметничко изразување: хамер хартија, боички (дрвени, темперни, водени…), камчиња, школки или други предмети кои ќе ги најдете во околината, ножици, лепак и други материјали кои ви се при рака.

Упатства (чекор по чекор):

  1. Објаснете го целиот процес пред да почнете, за учесниците да знаат што ќе се случува.

  2. Поканете ги учесниците да седнат или легнат за да се чувствуваат пријатно. Побарајте од нив да ги затворат очите и да замислат животно, човек, пејсаж или било што што се наоѓа во природата. Потсетете ги да не се форсираат да ги замислат животните или суштествата намерно, туку да дозволат тие да ги посетат во нивните мисли.

  3. Побарајте од учесниците да се „претворат“ во суштеството кое ги посетило во мислите. Побарајте да почувствуваат како се „претвораат“ во ова суштеството/ дел од природата (на пример облак, планина, дрво, волк, пајак, или пак друг човек). Прашајте ги: „Што се случува со мене кога сум ова суштество? Како се чувствувам? Каков ми е животот? Какви ми се деновите/ноќите? Како се поврзувам со другите суштества и со природата? Што сакам? Што имам да кажам? Што би им порачал/а на луѓето? Каква мудрост имам?“. Потсетете ги да ги побараат одговорите во себеси.  

  4. Oткако ќе им дадете време на учесниците да „се претворат“ во суштеството, донесете ги материјалите за уметничко изразување во центарот на кругот, и речете им на учесниците да ги отворат очите и во тишина да си направат маска која го претставува суштеството. Маската не мора да личи на суштеството, но барем да изгледа претставително. Некои учесници ќе сакаат да потрошат многу време на правење маска - потсетете ги дека маската е само претстава. Дозволете одредено време за ова и дајте знак на пет минути и на една минута пред истекот на времето за правење маска. Исто така можете да им дадете и цел ден на учесниците за да си направат целосен костим. Ова функционира особено добро ако ја правите оваа активност вечерно време. Кога сите ќе ги завршат своите маски/костими, започнете го советот со тоа што сите ќе седнат во круг.

  5. Потсетете ги учесниците дека советот е начин на комуникација каде слушаме и зборуваме од срце. Поканете ги луѓето да зборуваат спонтано, неплански и без долго размислување за она што ќе го кажат. Исто така е важно да се изразуваат со кратки и јасни изјави. Нагласете дека тишината помеѓу искажаните коментари на членовите на советот е многу важна за самиот совет.

  6. Едно по едно, секое суштество во кругот треба да се претстави и да каже каков живот живее, кој/а е, и како го минува времето. Откако секое суштество ќе заврши со исказот, советот треба да одговори велејќи: „Те слушаме _____ (име на суштество)“.

  7. Поканете го секое суштество пак да зборува - овојпат да му каже на советот што му се случува, вклучувајќи го она што луѓето му го прават и што би сакало да им порача на луѓето. Уште еднаш, групата ќе одговори со:  „Те слушаме _____ (име на суштество)“.

  8. Откако секое суштество ќе прозбори уште еднаш, побарајте од нив да прозборат по трет пат и да ги споделат мудростите, знаењето или подароците што им ги нудат на луѓето кои се волни да ги послушаат. На крај, откако секое суштество ќе заврши, побарајте од учесниците да ги отстранат маските една по една. Како што ги вадат маските, побарајте од нив да ги свртат маските кон себе и да ветат дека ќе променат еден (мал) аспект од својот живот кој му штети на нивното суштество.

  9. Советот ќе заврши со тоа што ќе кажете: „Овие ветувања нема да се прекршат. Им благодариме на суштествата кои се собраа овде денес да ги споделат своите чувства, соништа, надежи и мудрост“.

Ресурси   


ИНСТИТУТ ЗА ХУМАНО ОБРАЗОВАНИЕ (THE INSTITUTE FOR HUMANE EDUCATION)

P.O. BOX 260

SURRY, MAINE 04684

207.667.1025

info@HumaneEducation.org

www.HumaneEducation.org

Прашања за размислување

  • Какво беше ова искуство за вас?

  • Дали успеавте да добиете замисла за тоа на кој начин другите суштества гледаат на светот?

  • Дали сега се чувствувате поблиски до нив?

Упатства за поднесување

Поставете слика во Мудл од луѓето со нивните маски, како и краток текст со одговорите на прашањата за размислување. Упатството како да поставите фотографии во Мудл се наоѓа овде.

Упатства за оценување

Обезбедете фидбек за најмалку еден учесник во активноста. Упатствата за фидбек се наоѓаат овде.

Автор

Creative Commons - ySI4R тим за содржина (упатствата беа земени директно од онлајн активностите на Институтот за хумано образование, прилагодени и скратени)


List of discussions. Showing 1 of 1 discussions
Статус Дискусија Започнато од последна порака Одговори Дејства
Слика од Избришан корисник
Избришан корисник
Слика од Избришан корисник
Избришан корисник
0